Османи: Потребно е целата администрација да се фокусира на реформите

15 февруари, 2018 | 11:17 часот | 620 прикажувања |

Денес во Владата на Република Македонија се одржа седница на Работниот комитет за европски интеграции (РКЕИ) со која претседаваше Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи.

Главна тема на состанокот беше статусот на реализацијата на реформите во клучните области содржани во Планот 3-6- 9 како и новите потенцијали, согласно пораките содржани во новата Стратегијата на Европската Комисија за проширување со земјите од Западниот Балкан до 2025 година.

„Добивме исклучително позитивни пораки од страна на Европската Комисија, со кои се валоризира досегашниот напредок во имплементацијата на реформите и подготовката на земјата за напредок во европските интеграции“, истакна Османи.

Османи ја истакна одговорноста и улогата на членовите на Работниот комитет за фокусот на целата администрација кон предложените реформи, притоа потенцирајќи дека оваа 2018 година претставува најзначајна година за европските интеграции на земјата, период во кој следат серија настани преку кои треба да ја изградиме нашата позиција за членство во Европската Унија.

„Почетокот на преговорите со Европската Унија станува реалност за Република Македонија, и, покрај Секретаријатот, како предводник на евентуалниот процес на преговори, потребно е и целата администрација соодветно да ги подготви капацитетите за трансформација на државата и општеството кон европските правила, стандарди и вредности“, посочи Османи.