Борисов: Ако ги направиме транспортните коридори, Балканот ќе стане бајка

14 февруари, 2018 | 19:04 часот | 596 прикажувања |

Балканот ќе стане бајка ако ги направиме транспортните коридори. Ова го изјави бугарскиот премиер Бојко Борисов после средбата со македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров, на која присуствуваше и бугарската министерка за надворешни Екатерина Захариева, пренесе бугарската државна агенција БГНЕС.

Премиерот Борисов ги поздрави парламентите на двете држави за брзото ратификување на Договорот за доброседство и пријателство, кој тој го потпиша заедно со својот македонски колега Зоран Заев на 1 август 2017 година.

„Резултатите веќе се факт и веќе се гледаат. Оттука натаму имаме доста практична работа“, рече бугарскиот премиер.

Борисов најави дека утре (15 февруари) ќе се одржи средба на министрите за транспорт од двете држави.

Тие ќе разговараат за основните етапи, секоја фаза и секој дел од транспортните коридори број 4, 8 и 10 коишто ќе поминуваат низ Балканот.