Александар Михајлоски ќе стане четврти потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ

14 февруари, 2018 | 14:38 часот | 1.337 прикажувања |

По завршувањето на мини-турнејата на раководството на ВМРО-ДПМНЕ во САД и во регионот, партијата кон крајот на месецов треба да одржи седница на партискиот Извршен комитет, на која треба да се дискутира и одлучува за нацрт-измените на партискиот статут и за зголемување и доекипирање на партиските органи, пренесе Фокус.

Според неофицијални информации на Фокус, нов член на ИК треба да стане шефот на републичкиот штаб на иницијативата за модернизација и демократизација на ДПМНЕ, Александар Михајлоски, кој воедно треба да биде промовиран и во нов партиски потпретседател покрај Александар Николоски, Владо Мисајловски и Митко Јанчев.

Ова, според изворите на Фокус, е дел од планот за вклучување на оваа групација во сите нивоа на партиските структури, во чии рамки Костадин Богданов веќе беше избран за член на највисокиот партиски орган, додека Петар Богојески наскоро официјално треба да му стане заменик на генералниот секретар Игор Јанушев.

Инаку, прва најава за интегрирање на „реформаторите“ во партиските органи беше повикот од новото партиско раководство за средба во однос на измените на партискиот статут, кој, велат партиски извори, треба да биде изработен согласно партиските статути на десничарските конзерватини партии во Германија, Франција, Австрија и Хрватска.

Еден од клучните новитети, како што веќе објавивме, предвидува претседателите на општинските комитети да се избираат по пат на гласање од страна на членството, наместо од страна на партиското раководство по објавен конкурс како досега, со тоа што раководството ќе има механизмни за нивно разрешување под одредени услови.

Исто така, во новиот партиски статут ќе бидат утврдени новите партиски тела што ги најави новиот партиски лидер Христијан Мицковски – Совет на претседателот и Совет на Извршниот комитет, каде ќе се најдат универзитетски професори од странство и од земјава, меѓу кои се очекуваат и неколку критичари на начинот на кој претходниот партиски лидер Никола Груевски ја водеше партијата.

извор: Фокус