Адеми во Малта се заблагодарил за признавањето под уставно име

13 февруари, 2018 | 19:55 часот | 598 прикажувања |

Од владината прес служба информираат дека за време на посетата на министерот за дијаспора Едмонд Адеми на Република Малта, покрај другите средби на високо ниво, денес била остварена средба и со министерот за надворешни работи и промоција на трговијата на Република Малта, Кармело Абела.

Министерот Адеми ја пренел благодарноста до својот соговорник за воспоставување на дипломатските односи меѓу двете земји, во декември 2016 година, под уставното име на земјата. Во разговорот министерот Адеми, спомнал дека од страна Република Македонија се иницирани предлози за склучување на билатерални договори за соработка меѓу двете министерства за надворешни работи, како и договори од економска соработка. На тој план, министерот Адеми замолил да се определи временска рамка, во насока на динамизирање и потпишување на истите.

Од страна на двајцата министри се потенцирало, дека реализација на повеќе прашање од взаемен интерес, по потпишувањето на Меморандумот за соработка меѓу министерствата за надворешни работи, ќе се забрза со процесот на политички консултации меѓу двете страни на сите нивоа, меѓуресорска соработка со експертски тимови, по области од заеднички интерес, пред сѐ од областите на економската соработка и трговијата, образованието, културата, прашањата од работните односи, социјалното осигурување, престојот на македонската дијаспора во Малта, личните документи и други прашања од взаемен интерес.

За време на разговорот се дискутирало и за активностите на Владата на Р. Македонија, за процесот на членството на нашата земја во ЕУ. За овие прашања, министерот Абела ја потврдил силната поддршка на Малта во овој процес, за што било договорено и динамизирање на средби меѓу двете земји на највисоко ниво.

Меѓу другото станало збор и за најавената посета на министерот Абела на Р. Македонија оваа година како и на претседателката на Малта, Мари-Лиуз Калеро Прека. За време на разговорите станало збор и за активностите на нашата земја на регионален план и градењето на добрососедските односи, информираат од владината прес служба.