Лесново на пат да стане првиот гео парк во Македонија

19 ноември, 2017 | 18:17 часот | 238 прикажувања |

Лесново се бори да стане првиот Гео парк во земјaва под заштита на УНЕСКО. Постапката за аплицирање до УНЕСКО е веќе започната. Експертите за туризам сметаат дека специфичниот вулкански терен, единствен на Балканот е вреден да се запише на листата на заштитени природни подрачја и дека одговорот ќе биде позитивен.

Иницијативата е во почетна фаза, а зад неа стојат Центарот за развој на Источно-планскиот регион и општина Пробиштип. Просторот со раритетните форми и траги на вулканизам веќе го посетиле стручњаци од други Гео паркови во Европа.

Лесновскиот простор е доста интересен поради тоа што има доста сочувани траги од некогашен вулканизам кои се раритет не само во Македонија и на Балканот, туку и пошироко – како самиот кратер, купите околни, вулканските бомби итн.

Прогласувањето на живописното Лесново за прв Гео парк ќе значи и поголем развој на руралниот туризам. Зоран Петров од НВО „Илински врв“ од Лесново, кој заедно со семејството веќе една деценија се занимаваат со селски туризам забележува дека оваа иницијатива ќе значи и поголем број гости, но и подобро да се живее од овој вид туризам.