Каде е атрибутот на цивилното општество како чувар од власта?

12 февруари, 2018 | 17:35 часот | 307 прикажувања |

Катастрофалните политики во однос на цивилното општество од пред 50 години уште се чуствуваат и ќе се чуствуваат во наредните декади. Самиот термин „цивилно општество“ асоцира на луѓе кои се цивилизирани, кои што се општествено, социјално, индивидуално проникнати. Лесно е да се создаде граѓанско општество, кога тоа е создадено од оние кои што го имаат папирот граѓани на одредена земја, па тука влегува и монструмот Брејвик, бидејќи и тој е дел од граѓанското општество во Норвешка. Тешкотијата се состои во тоа да се создаде општество, во чиј центар се наоѓа напредната цивилизација како стожер на заедницата која ја склучиле луѓето во меѓусебен преќутен договор.

Граѓанското општество кое преовладува во бившите социјалистички држави било комплетно уништено, а за негова реобнова и премин кон цивилно општество ќе помине долг период. Вината, секако не може да се препише целосно на самите луѓе, бидејќи после долгогодишните војни конечно сакале мир, па макар тој бил и под диктаторска власт. Кога се вели диктаторска власт, не се мисли на степенот на тортура и насилство кое се врши врз граѓаните, туку се мисли на самоволието на власта, без консултирање на ниедно пошироко тело. Без разлика дали се носат одлуки за проникнување на државата или за нејзино угнетување и во двата случаја се смета за дикататорска власт, бидејќи е донесена самоволно.

Тука некаде се наоѓа и главната замка во која што се фатиле граѓаните кои што сметале дека немаат потреба да се вклучат во носењето на било какви одлуки од потесен или поширок карактер. Државата ја доживувале како релегија, без која повторно би дошло до крвопролевање. Државотворците на социјалистичките држави имаат направено одличен потег за зачувување на власта со тоа што ја отфрлиле компленто црквата и религијата настрана, па така создале мит дека државата е единстевниот извор на живот, а претходно тоа беше религијата. Едноставно се задоволувале со она што го имаат, притоа не споредувајќи го напредекот на западните општества во сооднос со нивното општество.

Потпирањето на носење на одлуките од државата, притоа прифаќајќи ги онакви какви што се и уште потрагично, верувајќи дека секоја одлука е излишана од недостатоци, го дотепува граѓанското општество во неговата послушност, го прави слепо при очи, ирационално, а притоа со ум. Една од клучните компоненти која исто така има влијание врз цивилното општество е неправењето на разлика меѓу институција и лидер. Лидерот компленто ја присвојува институцијата, а она што е поразително институцијата претседател на држава е комплетно заменета со лидер.

Јавното мислење во врска со ова прашање се одвивало на релацијата дека сите недвижнини се препишуваат на лидерот, а не на институцијата претседател, па така и денеска во Република Македонија може да се чуе дека Тито им ги оставил куќите на државата, притоа сѐ уште верувајќи дека тие биле лично негови, а не дека биле вклучени во функцијата наречена Претседател на држава. Верувањето во култот на личноста, во неговата безгрешност, во подреденоста на граѓаните пред него, доведе до она што ни се случува денеска во земјите по распадот на социјалистичките режими.

Транзицијата од социјализмот во демократија доведе до резултати кои всушност покажуваат дека постоцијалистичките држави се всушност сѐ уште социјалистичи во однос на политикиот дел, владеењето на правото, правната држава, партискиот систем, политичкиот систем итн. Ако ја земеме за пример Србија, по распаѓањето на Југославија на власт доаѓа диктаторот Милошевиќ (којшто на два пати победува на претседателски избори во прв круг) и прави штети од невиден размер. Во оваа ситуација, вината можеме да ја препишеме не толку на граѓаните, колку на тајмингот на новоформираните држави пост распадот на Југославија и немањето на демократски капацитет.

Но сепак, денеска по 25 години, на претседателски избори победува кандидатот кој што е ученик на гореспоменатиот диктатор и притоа е единствен, покрај неговиот ментор кој успева да победи во прв круг. Со ова само уште еднаш се докажува верувањето во она што се нарекува култ на личност во неговите традиционални карактеристики. Но има една крупна разлика која што навистина загрижува, ако во комунистичките режими, скандирањето на името на лидерот, на неговата перфекност, на неговото височество беше вештачко, односно тоа беше изнудено, бидејќи ако некој не бил послушен да го скандира неговото име, многу лесно би можел да се најде на некој пуст остров.

Денеска овие исти скандирања на лидерите извираат не од присилбата на властите (да има и таков дел), колку што од воодушевувањето на харизмата на лидерот во комбинација со националистичките острици.

 

 

 

 

Пишува: Игор Киприновски,
Авторот е студент на политички студии