Затворени 19 локали во Тетово и Гостивар во акција на МВР, УЈП и ДПИ

19 ноември, 2017 | 12:44 часот | 263 прикажувања |

Приведени се 26 лица, а издадени се забрани за работа на 19 угостителски објекти во Тетово и Гостивар при контрола што ја спровеле ноќеска полицијата, УЈП и Државниот пазарен инспекторат во 31 објект во овие подрачја. Акцијата е спроведена и на подрачјето на СВР Битола, но не се констатирани посериозни прекршувања на законите. На подрачјето на СВР Велес, пак, при алкотестирање на 232 возачи, е утврдено присуство на алкохол кај 29.

„За  време на контролата се приведени 26 лица, 16 македонски државјани поради поседување наркотична дрога и непоседување документи за лична идентификација и 10 странски државјанки, девет од Србија и една од Црна Гора поради злоупотреба на туристички престој и нерегулиран престој во РМ“, изјави денеска на прес-конференција Лазе Велковски, директор на Бирото за јавна безбедност.

Појасни дека од извршениот преглед на лица гости во објектите кај повеќето од нив се пронајдени паковки со прашкаста материја. Тие, рече Велковски, се приведени во полициските станици во Тетово и Гостивар.

Записници за констатиран прекршок и изготвени им се платни налози на двајца македонски државјани поради кршење на Законот за приватно обезбедување.

Забраните за вршење дејност на контролираните локали што ги изрекле УЈП и Државниот пазарен инспекторат се во траење од 15, односно 30 дена, и тоа за непоседување фискален апарат и неиздавање фискална сметка, но и заради вршење угостителска дејност без регистрација.