Отворен ден во Центарот за управување и контрола на сообраќајот на Град Скопје

11 февруари, 2018 | 12:13 часот | 541 прикажувања |

Во рамки на отворениот ден во организација на Град Скопје, група граѓани ја искористија можноста да го посетат Центарот за управување и контрола на сообраќајот и од блиску да се запознаат со функцијата и работата на Центарот. Овој отворен ден се организира во насока на зголемување на транспарентноста и отвореноста на Градот Скопје кон граѓаните.

За време на отворениот ден, стручните лица вработени во Центарот за управување и контрола на сообраќајот на посетителите им ги објаснија надлежностите, начинот на функционирање и активностите на ова тело, а за време на посетата одговараа и на сите прашања на граѓаните поврзани работата на ЦУКС.

„Интересот на граѓаните пред се се однесуваше на работата на Центарот и како тој функционира. Нашите стручни лица што работат во Центарот за управување и контрола на сообраќајот на Град Скопје им ја приближија работата и им објаснија дека во овој Центар е инсталиран современ и комплексен систем за управување на сообраќајот, којшто е инсталиран на 92 крстосници од каде што се прибираат информации за бројот на возила и состојбата во сообраќајот во реално време. Системот работи на адаптивна контрола, и преку него секоја крстосница со (соседните) околните комуницира и споделува информации за бројот на возилата, со тоа што наредната крстосница би имала информација колкав прилив на возила треба да прими и оттука дали да си го зголеми времето на зелено светло или пак да го намали. Мислам дека граѓаните секако повеќе ги интересираше дали камерите што се поставени на педесеттина крстосници снимаат или евентуално дали во рамки на Центаров функционира систем на казнување врз база на информациите од терен, би сакал уште еднаш да посочам дека камерите што се во надлежност на ЦУКС служат исклучиво за мониторинг односно набљудување на сообраќајот во реално време, што не значи од друга страна дека граѓаните коишто се учесници во сообраќајот не треба да ги почитуваат сообраќајните правила. Ова е еден од најсовремените и најмодерни, можеби и еден од најдобрите системи за управување со сообраќај во овој дел на Европа, па преку него можеме да ја увидиме промената помеѓу последователни циклуси односно времетраењето на секоја фаза одделно и како куриозитет да кажеме дека најчестите прекршоци во сообраќајот, за жал се преминување на црвено светло, што е причина за сообраќајните незгоди, затоа ЦУКС апелира до сите возачи и учесници во сообраќајот да ја прилагодат својата брзина на движење според условите на патот и да ги почитуваат сообраќајните правила“, истакна Иван Киш, раководител на Центарот за управување и контрола на сообраќајот.

Центарот за управување и контрола на сообраќајот официјално е отворен во 2013 година и е формиран како дел од проектот за Автоматизирано управување на сообраќајот во Скопје. Со Центарот се поврзани 92 светлосни уреди (семафори) или скоро 60 % од вкупниот број на светлосни уреди во градот. Центарот врши прибирање на податоци за бројот на возила во период од 24 часа, секој ден во годината, коишто служат за понатамошни пресметки и планирање на сообраќајот на главните сообраќајни артерии во градот Скопје. Преку системот за адаптивна контрола можат да се регулираат семафорите мануелно односно да се исклучат на трепкач или пак да се активира зелениот сигнал на конкретен семафор од еден правец, ако се увиди потреба за намалување на метежот, како и активирање на сигнални планови за тоа како треба да работат крстосниците во одреден период од денот.

Преку камерите што се поставени на крстосниците во градот, но и преку индуктивните детектори , поставени на коловозот, од коишто се врши прибирање на податоци за сообраќајот во реално време, се следи работата на светлосните сигнали во реално време, визуелно се набљудува сообраќајот и Центарот добива комплетна слика за состојбата на сообраќајот во Скопје.

Центарот за управување и контрола на сообраќајот е изведен од страна на Сварко Системс (SWARCO SYSTEMS) од Германија, додека софтверот за адаптивна контрола и управување на сообраќајот е набавен од МИЗАР Аутомационе (MIZAR Automazione S.p.A) од Италија. Изградбата на Центарот е реализирана во рамки на проектот ЦИВИТАС РЕНЕСАНСА (CIVITAS RENAISSANCE).