ЕК ќе ја преиспита одлуката за летното сметање на времето

9 февруари, 2018 | 22:32 часот | 664 прикажувања |

Европската комисија е подготвена да се осврне на прашањето за промената помеѓу летното и зимското сметање на времето, изјави нејзиниот портпарол, Мина Андреева, во Брисел.

„Ќе ги разгледаме предностите и недостатоците од евентуалната промена, врз основа на факти и консултации со Европскиот парламент. Националните парламенти исто така се обврзани да го изразат своето мислење“, рече Андреева.

Со 384 гласа „за“ вчера пратениците во Европскиот парламент изгласаа укинувње на летното сметање на времето. Против укинување гласаа 154 европски пратеници. Сепак, нивната одлука не може да стапи во сила без согласност од Европската комисија, која ќе треба да го даде последниот збор.

Од 1996 година граѓаните на земјите од ЕУ ги поместуваат часовниците за еден час нанапред во последната недела на март и еден час наназад во последната недела од октомври.

Барањето за укинување на поместувањето на стрелките на часовниците беше поведено од страна на Европската комисија во Унијата поради повеќе докази за негативното влијание од праксата. Парламентарците што се согласуваат со укинувањето наведуваат дека истражувањата покажале оти една петтина од популацијата страда од здравствени проблеми поради зимското и летното сметање.

Освен негативното влијание врз човековиот биоритам, ваквата пракса доведува и до зголемен број сообраќајни несреќи, но и пад на продуктивноста на работното место.

Летното и зимското сметање веќе е укинато во Русија, Турција, Белорусија и во Исланд.