ОМД им врачи признанија на Маријана Петир и Вилма Трајковска

9 февруари, 2018 | 15:45 часот | 1.521 прикажувања |

Обединетата македонска дијаспора ѝ додели награда „македонско пријателство“ на хрватската европратеничка Маријана Петир, основачка и шефица на групата „Пријатели на Македонија во Европскиот парламент“.

Наградата на Петир ѝ беше врачена од страна на членовите на Бордот на ОМД Жикица Паговски и Лидија Стојкоска.

„Благодарност до Обединета македонска дијаспора за наградата ‘македонско пријателство’. Навистина сум почестена“, се заблагодари Петир на својот Твитер налог.

Таа го потврди пријателството на Хрватска со Македонија и изрази надеж дека наскоро ќе ја види Македонија во Европска Унија и во НАТО.

На свеченоста награда доби и Вилма Трајковска, сопругата на поранешниот македонски претседател Бори Трајковски. Нејзе, од страна на Ана Дукоска од ОМД ѝ беше доделена наградата за почесен член во советодавното тело на програмата на ОМД за жени во лидерство (Honorary Advisory Council Member of UMD Women in Leadership Program), а претседателот на ОМД Мето Колоски ѝ ја додели наградата за јавна служба (UMD Public Service Award).