Париз: По 1.500 евра казна за 1.142 клиенти на проститутки

18 ноември, 2017 | 17:49 часот | 260 прикажувања |

Во главниот град на Франција се казнети 1.142 клиенти на проститутки, откако во април 2016 година стапи во сила закон што забранува купување сексуални услуги.

Тој француски закон е насочен кон казнување на корисниците на услугите, а не на проститутките, и предвидува парична казна од 1.500 евра, која може да се зголеми до 3.750 евра во случај на повторување на прекршокот.

Властите во парискиот регион наведоа дека седум проститутки го почнале процесот на излегување од оваа дејност со помош на француските власти и на организациите што се борат против сексуалните експлоатации. Помошта за излез од проституцијата е мерка воведена со новиот закон.

Проституцијата како таква е легална во Франција, додека постоењето на јавни куќи, посредувањето на макроа и малолетничката проституција се нелегални.

Усвојувањето на францускиот закон беше инспирирано од примерот на Шведска, која сличен акт усвои во 1999 година.