Орданоски: Ниту една голема одлука не е донесена врз основа на анкети

8 февруари, 2018 | 22:04 часот | 1.332 прикажувања |

„Јас би сакал да ја однесам дискусијата на едно малку поапстрактно ниво и овој вовед дека членството во НАТО е всушност членство во Европската унија и дека НАТО не значи само, особено за Македонија, некаков безбедносен аранжман, бидејќи регионот е прилично пацифизиран, ние сме опкружени со членки на НАТО, Косово е во сопственост на НАТО, така што можеби за Македонија, безбедносното прашање е пониско на скалата, отколку сите други прашања“, рече Орданоски на панел дискусијата во организација на ЦИВИЛ – Центар за слобода.

Преку аналогија на односите меѓу Германија и Франција, Орданоски всушност ја истакна потребата од решавање на односите меѓу Македонија и Грција, како еден од условите за членство во НАТО и ЕУ.

Орданоски излезе со предлог до македонската влада да се обидат со Грците во Солун да отворат канцеларија за соработка на млади.

„Таквата канцеларија меѓу Франција и Германија постигна фантастични успеси“, вели Орданоски.

„Стотици илјади млади луѓе поминаа низ таа канцеларија за да надминат многу потешка историја од оваа што ние сега ја имаме со Грција“, додава тој.

„Ниту една голема одлука не е донесена врз база на анкети. Баталете анкети. На крајот политичката класа презема ризик, како што го преземаа Аденауер и Де Гол, но неспорно е дека тие имаат една визионерска енергија во себе и резултат којшто се гледа на среден и на долг рок“, заклучи Орданоски.

извор: Цивил медиа