Граѓанска иницијатива против присилната наплата на извршителите

18 ноември, 2017 | 16:14 часот | 265 прикажувања |

Со граѓански потписи се бара запирање на присилната наплата што ја применуваат извршителите. Сидикалци и невладини организации тврдат дека има потреба од ревизија на работата на извршителите, нотарите и доверителите, враќање на работата на извршителите во судовите, како и утврдување на реален и нереален долг.

Потписите за Иницијативата ги собираат Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија и здруженијата „Но пасаран“ и „Гласен текстилец“.

Изјавуваат дека над 200 илјади луѓе се заробени со извршни одлуки од кои десетици илјади се се уште блокирани и не можат да се одблокираат.

Велат дека граѓаните се ставени во должничко ропство и дека не можат ниту основните сметки да ги платат, а не па услугите на извршителот. Бараат од премиерот, Зоран Заев, да си остане на зборот кога им ветил решавање на проблемот.

„Апелираме до премиерот и го држиме за збор негово ветување дека ќе најде решение и за овој проблем како што реши други проблеми. Ова е грабеж, граѓаните се ограбени и обесхрабрени. Владата и пратениците ќе мораат да изберат меѓу стотина извршители и сто илјади граѓани. Се надевам дека Владата ќе застане на страна на граѓаните“, изјави Марјан Ристески, претседател на Конфедерацијата на синдикални организации во Македонија.

извор: Нова ТВ