Села бара половина милион евра оштета за нападот на 27 април

8 февруари, 2018 | 11:51 часот | 1.762 прикажувања |

Адвокатот на Зијадин Села на денешната главна расправа побара отштета за својот клиент во висина од 30 милиони денари, пренесе МИА.

Средствата што се бараат како отштета се за материјалните трошоци за лекувањето на Села, како и за претрпената физичка болка, повреда на личниот интегритет и за претрпен страв.

Во моментов на распит пред судот е првиот сведок Горданче Соколовски, кој е вработен во фирмата што го поставувала видео надзорот во Собранието на Република Македонија.

Во Кривичниот суд денеска почна главната расправа од судењето на обвинетите за обидот за убиство на пратеникот Зијадин Села, што се случи на 27 април минатата година во македонското Собрание.

На денешното рочиште изјави даваат сведоци, а се презентираат и докази и искази на вешти лица.

Според Абедин Абдулаи, адвокат на Села, се очекува лидерот на Алијансата на Албанците да се појави на денешната главна расправа.

Во овој случај обвинети се Кире и Цане Ѓорѓиевски, Оливер Ошавковски, Саша Ценков, Николче Димитриевски, Александар Јаневски – Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски, Коста Делов и Стојан Павловски – Кобра.

За настаните во Собранието веќе се изречени судски пресуди за два предмета. Во првиот, девет лица учесници во насилства добија условни казни, а во вториот случај Панче Ангелов, напаѓачот на Радмила Шекеринска доби казна затвор од четири години.

Во тек е истражна постапка и за предметот што го отвори Јавното обвинителство за „терористичко загрозување на уставниот поредок“ за што се осомничени 36 лица.

извор: МИА