Собранието ја изгласа одлуката за пренамена на 1,6 милијарди денари помеѓу буџетските корисници

18 ноември, 2017 | 16:11 часот | 241 прикажувања |

Собранието на Република Македонија на денешната седница со 51 глас „за“ и 25 „воздржани“ гласаше за Предлог-одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите на Владата.

Во своето образложение пред пратениците, министерот за финансии Драган Тевдовски на Комисијата за финансирање и буџет, потенцираше дека се работи за поголеми заостанати долгови, како за големата концертна сала на Македонска филхармонија, опрема во МВР, градежни објекти на СОЗР, како ФДУ, Албански театар, театар и библиотека во Тетово, преведување и печатење стручна литература, преводи на книги од реномирани автори и бесплатни учебници.

Тој рече дека со отплатата на дел од наследените долгови ќе се обезбедат заштеди во наредните фискални години, како резултат на избегнување плаќање камати и евентуални судски трошоци за ненавремено подмирени обврски.

Илија Димовски, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ рече дека предлогот е дијагноза за работата на министерствата и му препорача на мнозинството, при евентуална реконструкција на Владата да ја земе предвид кога ќе се одлучува кој министер треба да си оди.