Груби: Очекуваме директна помош од САД за решавање на спорот со нашиот јужен сосед

8 февруари, 2018 | 9:58 часот | 1.188 прикажувања |

Претседателот на Комисијата за европски прашања, Артан Груби, кој престојува во САД, во Белата куќа оствари средба со Специјалниот Советник на Заменик Претседателот на САД Мајк Пенс, Моли Монтгомери.

Груби и Монтгомери, како што стои во соопштението испратено од Комисијата, разговарале многу отворено и искрено за политичката ситуација во нашата земја и предизвиците пред нас во однос на реформите и ЕвроАтлантската интеграција.

Пратеникот Артан Груби изразил благодарност за стратешкото партнерство и поддршка на САД за Република Македонија низ сите години и истакна убеденост дека таа поддршка нема да изостане ниту во овие пресудни времиња.

Монтгомери навела дека САД ги поддржуваат Евро-атлантските стремежи на Македонија, дијалогот со соседите и реформската агенда што треба да овозможи владеење на правото, демократско владеење и кредибилни институции. Таа го нагласила оптимизмот на Белата Куќа околу позитивните вести кои што доаѓаат од Македонија и го истакнала моментот на огромна можност за реализација на нашите заеднички цели.

Груби повторил дека коалицијата ги решава своите домашни задачи за им помогне на нашите пријатели да имаат што е можно посилни аргументи за нашиот случај.

„Реформите, исполнување на сите очекувања од Брисел, Охридскиот договор и добрососедството се на одличен пат да се реализираат целосно. Но сепак, ни преостанува уште спорот со нашиот јужен сосед за кој што очекуваме директна помош од САД во правец на изнаоѓање на достоинствено решение. Оваа година е пресудна, клучна и историска затоа што сме најблиску до конечно решение, а веќе следната година е изборна во Македонија и Грција, но и во Европската Унија при што ќе добиеме нов Европски парламент и Комисија“, истакнал Груби.

На крајот, Груби испратил покана до заменик претседателот на САД, Мајк Пенс да ја посети Македонија што е можно поскоро.