Николоски: Ако излеземе од рамката во ОН, Македонија ќе биде губитник

7 февруари, 2018 | 22:14 часот | 1.779 прикажувања |

Oваа држава се вика Република Македонија и треба да остане да се вика Република Македонија, тоа е ставот на ВМРО-ДПМНЕ, изјави Александар Николоски, потпретседател на партијата во Анализа на ТВ 24.

Вели дека процесот треба да биде во рамките на ОН, инаку Македонија ќе биде губитник.

„Грција е далеку посилна од Македонија, и ние тој притисок и уцена од Грција го чувствуваме“, рече Николовски.

Тој вели дека треба прво да се види пакетот за името, за да дадат конкретно мислење, a го повтори и партискиот став дека ВМРО-ДПМНЕ е против промена на Уставот.

Николоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ додека била на власт преговарала за името, но изјави дека нема детали за тоа, и за тоа вели дека да се прашаат преговарачите.

За односите со САД, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека тие не се „на нож“ како што постоела перцепција во некои медиуми и дел од јавноста и дека во Соединетите американски држави, неговата партија гледа стратешки партнер, а како пример ја посочи последната посета на екс лидерот Груевски, како и неодамнешната на Мицкоски кој се сретна со сенатори, конгресмени и високи функционери на Републиканската партија.