Маѓепсаниот круг околу спорот со името на Македонија

7 февруари, 2018 | 13:52 часот | 1.311 прикажувања |

„Имам 43 години и толку трае проблемот и нерешениот статус на Кипар“. Со овие зборови грчкиот премиер Алексис Ципрас му се обрати на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, при посетата на турскиот државник на официјална Атина, минатиот декември. Ципрас, веројатно сакал да каже дека ова е еден од најдолготрајните спорови во историјата и дека решението сѐ уште не е на повидок.

„Имам 28 години и толку трае спорот околу уставното име на Република Македонија“, би кажал некој млад човек роден 1989/1990 година, кога и реално се создал овој апсурден спор. Грчката вешта дипломатија, веќе го предодредила историското распаѓање на поранешната федерација Југославија, со што им било јасно дека на нивниот север од тој распад ќе се создаде една нова независна држава, која ќе го носи името Македонија. Па така, тогашниот грчки премиер Константин Мицотакис, на влијателниот министер за надворешни работи на штотуку обединетата СР Германија го убедува дека „зборот  Македонија, воопшто не треба да биде дел од името на идната држава“.

Во тие години, пред официјалното прогласување на независноста на Република Македонија на 8 септември 1991 година, грчките власти ги променуваат имињата на битни  институции и региони во Северна Грција. Па така, аеродромот во Солун го добива името „Македонија“, а грчката северна област се нарекува  и официјално Македонија, поделена на три префектурни региони (Западна, Централна и Источна Македонија со Тракија). Со тоа, Грците  сакаат да ја монополизираат културно-историската матрица на терминот Македонија, присвојувајќи го цело идентитетско- културно и историско наследство за свое.

Од другата страна на границата, младата држава се обидуваше да застане на „здрави нозе“. Етничката крвава војна која беснееше низ Југославија и големосрпскиот национализам на Милошевиќ претставуваше реална закана да ја втурне во пеколот Република Македонија и нејзините граѓани. Скоро две години, по прогласувањето на независноста, на 8 април, во 1993 година, Македонија беше примена во ООН како 181 земја членка, но под деградирачката референца „поранешната југословенска Република Македонија“ или со англиската верзија како „the former Yugoslav Republic of Macedonia“, која беше наметната од страна на Европската Заедница и ООН како „привремено решение“.

Со резолуцијата 814 и 817 на ООН „двете страни беа обврзани да разговараат за наоѓање на трајно решение околу разликите со името“. Но грчкото хистеризирано општество, и овој прием на Република Македонија, го доживеа како историски пораз, бидејќи зборот Македонија се состоел во името на северниот сосед. Па така, по отцепувањето на националистот Андонис Самарас од матичната владејачка партија Нова Демократија, и по милионските протести „за името Македонија“ во Солун, падна Владата предводена од Константин Мицотакис, и на власт во Грција дојде левицата (ПАСОК) предводена од Андреас Папандреу. Оваа Влада воведе ембарго и затворање на границата помеѓу двете земји, што доведе до економски колапс на младата држава и нагло осиромашување.

Под меѓународен притисок, пред сѐ на американската дипломатија, во октомври 1995 година двете влади ја склучија т.н „Привремена спогодба“, со која Македонија направи уставни измени, го смени државното знаме и се откажа од уставниот член за грижа на нејзините малцинства во соседните земји. Од друга страна, Грција се обврза да не го попречува влезот на Македонија во Европската Унија и НАТО-алијансата. По овие драматични години, спорот за името се третираше како прашање на „надмудрување“.

Сите македонски влади (и од левицата и од десницата), спорот го поимаа под ставот „дека времето работи за нас“, броејќи ги земјите кои нѐ признале под уставното име. Грчката страна овој спор го третираше како „замрзнато прашање“, и ниту една од двете страни немаше интерес за негово трајно решавање. По ветото на самитот во Букурешт во 2008 година, кога грчката влада предводена од премиерот Костас Караманлис и министерката за надворешни работи Дора Бакојани, го попречија влезот на Македонија во НАТО и целосно ги блокираа претпристапните преговори со ЕУ (а, со тоа и ја прекршија Привремената спогодба од 1995 година), „ѓаволот ја однесе шегата“.

Веќе овој спор од „замрзнато прашање“, околу идентитетско-културните и историските припадности, се претвори во прашање од егзистенционален карактер за Република Македонија. Како земја која географски, културолошки, политички, историски и од секој аспект припаѓа на европскиот континент, Македонија е оневозможена, природно по пат на прогрес и реформирање да се интегрира во големото семејство на народите. Државата десет години е оставена во еден „заглавен лифт“, за кој и најсилните дипломатски булдожери (пред сѐ американските ) немаа начин да го откочат.

Последното интензивирање на преговорите меѓу двете страни, интензивната комуникација помеѓу министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас, како и средбата помеѓу премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, оптимистичките изјави, антинационалистичката реторика, дава мал оптимизам и скриена тронка надеж дека постои шанса да се затвори овој апсурден и ирационален спор, кој асиметрично многу повеќе носи штета на една мала балканска земја, отколку на нејзиниот сосед скоро 5 пати поголем од неа, интегриран во западните развиени асоцијативни клубови.

Сепак тој мал прозорец на можности, како пополека да се затвора, по масовните хистеризирани националистички протести во Солун и Атина, со кои се покажа дека грчкото општество, воопшто ментално не созреало во однос на ова прашање. Одолговлекувањето на решението на проблемот со името, значеше и се поголемо ширење на „опсегот на употреба на името и идентитетските одредници“, па така од почетните резолуции со кои се предвидуваше „разговарање за разликите околу името Македонија“, денес на зелена маса, грчките официјални претставници во преговорите ги вклучуваат и идентитетско-јазичните одредби, опсегот на употреба, промената на внатрешните документи и Уставот на Република Македонија, пасошот, па дури и употребата на кратенката на името во меѓународните односи.

Гордиевиот јазол низ годините место полека да се одврзува, тој се повеќе и повеќе се заплеткуваше, без изгледни шанси да се одмота. Александар Македонски го нема денеска, да „удри и да го пресече“. Мечот денеска се наоѓа во рацете на Заев и Ципрас. Останува да видиме дали ќе имаат сила да го пресечат јазолот, или во него и во следните 25 години ќе бидат замотани и македонските и грчките граѓани.

 

 

 


Пишува: Благојче Атанасоски,

Авторот е магистер по политички науки