Бошњаковски: Не се разговара за промена на македонскиот Устав

7 февруари, 2018 | 13:01 часот | 668 прикажувања |

Во процесот на преговори околу името во моментов не се разговара за отстранување на членовите 3 и 49 во Уставот, кои се однесуваат државните граници и македонските малцинства во други земји, рече портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски одговарајќи на новинарско прашање, дали се точни информациите дека се бара или разговара за отстранување на двата члена.

„Немам што да додадам за тоа што го кажа премиерот Зоран Заев на вчерашната прес-конференција“, беше одговорот на владиниот портпарол на прашањето, која географска одредница Македонија би ја прифатила откако вчера Заев рече дека Владата е подготвена на таков чекор.

Бошњаковски немаше коментар ниту за останатите прашања поврзани со преговорите за името. За разлика од македонската, од грчката страна јавноста постојано се „бомбардира“ со информации меѓу кои пред неколку дека беше и текстот објавен во грчиот весник „То Вима“ со целиот пакет од идеи кои ги дал медијаторот Метју Нимиц. Досега, никој не ги демантираше тие информации, а очекувано без коментар од македонската влада беа и денеска.

„Знаете никогаш не сме шпекулирале за тоа што е објавувано по медиуми, па нема ни овој пат да коментираме“, рече Бошњаковски.

Тој не беше подготвен да одговори ниту за информациите дека македонската страна ги прифатила сите барања при средбата на македонскиот и грчкиот премиер, Зоран Заев и Алексис Ципрас во Давос. Како што посочи Бошњаковски, тоа што било разговарано било кажано транспарентно и на тогашната заедничка прес-конференција на премиерите и преку соопштенијата од Владата.

Нова средба на премиерите на Република Македонија Зоран Заев и на Република Грција Алексис Ципрас сè уште не е закажана, информира на денешната прес-конференција владиниот портпарол Миле Бошњаковски.