Ахмети: ПЈРМ е привремено име, се обидуваме да добиеме нормално име

7 февруари, 2018 | 12:14 часот | 2.421 прикажувања |

„Ние сме земја без име, имаме едно привремено име, ПЈРМ. Во пракса се обидуваме конечно да добиеме нормално име со преговорите што се водат“, ова синоќа го истакна лидерот на ДУИ Али Ахмети, како гостин во емисијата „Историес“ на грчката ТВ „Скај“, заедно со министерката за одбрана Радмила Шеќеринска.

Во емисијата Ахмети рече дека македонската влада е реформаторска и верува дека „во рамки на овие реформи конечно ќе се реши 25-годишниот проблем меѓу Скопје и Атина.“

Ахмети посочи дека неговата партија е подготвена да го поддржи процесот до конечно решение:

„Секако, ние го поддржуваме напредокот. Ќе биде големо постигнување, доколку успешно се заврши ова поглавје. Ќе не растовари многу, од нешто што со години ни тежи. Ние сме подготвени. И во минатото сме биле подготвени за да го поддржиме процесот до конечно решение, бидејќи не интересира многу интеграцијата на земјата во НАТО и ЕУ“, вели Али Ахмети, според грчката телевизија.

Синоќешната епизода од емисијата „Историес“ беше посветена на разговорите за името, а новинарот преку репортажа од Скопје, ги пренесува позициите и на македонските политичари, но и ставовите на младите Македонци во однос на спорот меѓу двете соседни земји.

Новинарот, прави и ретроспектива на најважните настани во македонско-грчките односи и разговорите за името од 90-те години до денес.

извор: МИА