Македонија во НАТО и без решение на спорот, бара британскиот Дом на лордови

7 февруари, 2018 | 9:30 часот | 706 прикажувања |

Британскиот Дом на лордови бара од Владата во Лондон да се заложи Македонија да стане членка на НАТО без оглед на тоа дали ќе биде решено прашањето за името, објавува грчкиот весник То вима во изданието на англиски јазик.

Во извештајот „Велика Британија и иднината на Западен Балкан“ на Домот на лордовите усвоен во декември лани, а објавен на 10 јануари годинава, се наведува дека Македонија треба да се приклучи на Северноатлантската алијанса заради мир и стабилност на регионот.

“Владата треба да ги поддржува мерките за да и помогне на Македонија да влезе во НАТО, со или без решение на прашањето за името”, се вели во извештајот.

Во извештајот на Парламентот се презентираат и ставовите на властите во Скопје за членство во НАТО, што во извештајот се оценува како преседан во споредба со ставот кон пристапот во ЕУ.

“Во Македонија членството во НАТО е популарно (повеќе отколку членството во ЕУ). Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, рече дека повеќе од 70 отсто од населението се залага за членство. Димитров рече дека членството ќе докаже “дека Македонија ќе опстане на ова место и во рамките на овие граници”. Сепак, напредокот кон членство беше блокиран од приговорите на Грција кон името на земјата “, се вели во извештајот, иако се истакнува дека членството во НАТО ќе биде тешко без решение.