Груби во посета на САД, побарал помош за деблокирање на пречките кои Македонија ги има за влез во НАТО

6 февруари, 2018 | 22:32 часот | 844 прикажувања |

Претседателот на собраниската Комисија за европски прашања, Артан Груби, ја започна посетата на САД со средба во Вашингтон со конгресмените Дејвид Прајс и Пит Висклоски.

Како што се вели во соопштението од Комисијата, Груби отворено и директно побарал помош од авторитетите на САД за деблокирање на сите пречки што ѝ стојат на патот на Македонија кон НАТО и навел дека директниот придонес на САД е неопходен во овој процес.

„На посебните средби со двајцата конгресмени беше потврдена поддршката на САД за Македонија и потребата за поголем ангажман на САД за Западен Балкан. Конгресмените се заложија за конкретни чекори во Вашингтон во правец на евро-атлантската интеграција на нашата земја“, се вели во соопштението.

Претходно, Груби во Сенатот учествувал и на редовниот форум за геополитика на Балканот, каде што учествувале сенаторот Џејмс Инхоф и конгресмените Роберт Адерхолт, Роберт Питенгер, како и многу други високи гости.

Груби исто така се сретнал и со Јан Сурочак, директор на ИРИ за Европа, и со Пол Мекарти, заменик-директор, од кои побарал да ги интензивираат своите програми во Македонија, посебно во правец на градење реформски консензус, како и подигање на демократскиот капацитет на институциите и нивната доверба кај граѓаните.