Заев од Сараево: Доаѓа времето на левицата

18 ноември, 2017 | 10:14 часот | 268 прикажувања |

„На Европа ѝ е потребна левицата, посебно кога после долги години, десницата во некои земји се разви радикално, со квазипатриотски идеи, а под превезот на модерниот грабеж. Левицата треба да го добие своето место во Европа, а тоа зависи од левите партии, но и од граѓаните, граѓанското општество, синдикатите, работниците“, рече меѓу другото, претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, на синоќешната пленумската сесија „Кон обновата на левицата во Југоисточна Европа“, во рамки на конференцијата во организација на фондацијата Фридрих Еберт во Сараево, на тема „Состојбата во регионот – проценка од социјалдемократска перспектива“.

Премиерот Заев констатираше дека не е доволно само да се дебатира, туку дека мора да се преземе акција и го соопшти искуството од Македонија во кое граѓаните дадоа поддршка на левицата којашто претходно се обедини со граѓанското општество.

„Главната работа за нашиот успех е повикот да се обединиме сите, да си подадеме рака, без разлика кој што добива од успехот, заради граѓаните, иднината, татковината, заради обврската да се преземе нешто.

Со проектот Вистината за Македонија ги мотивиравме граѓаните на обединување. Овој проект го извади на површина криминалното делување на тогашната власт. Изградивме коалиција „Граѓаните за Македонија”. Следуваше Кампот на слободата, па Шарената револуција, водеа граѓаните. Чувството да се стапи во коалиција со независно-политички луѓе треба да се негува, ако сакаме да ја сочуваме независноста. Власта сега е контролирана и од внатре, од граѓанскиот сектор. Демократијата и слободата не се дадени еднаш за секогаш, тие треба да се развиваат и ова е најдобриот начин,“ додаде премиерот Заев.