Николоски: Отстапуваме од нешто наше, а за возврат не добиваме ништо

6 февруари, 2018 | 19:04 часот | 2.448 прикажувања |

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски се јави со реакција на својот Фејсбук профил во врска со последната одлука на македонската Влада да ги преименува автопатот и аеродромот кои досега го носеа името на војсководецот Александар Велики.

Според Николоски, ова се еднострани отстапки на Македонија за кои земјата не добива ништо за возврат.

„Во однос на преименувањето на аеродромот и автопатот би сакал да потенцирам дека при најавата на оваа постапка од страна на Премиерот Зоран Заев јавно запрашавме дали овие активности се дел од некоја поширока стратегија за која што јавноста не е информирана или пак станува збор за едностран чекор на актуелната Влада на Република Македонија? Посочивме дека доколку е во прашање некаква стратегија, граѓаните очекуваат да бидат информирани за придобивките, а доколку станува збор за второто легитимна е загриженоста дека земјава прави еднострани отстапки, а не добива ништо“, пишува Николоски на Фејсбук.

Тој и неговата партија ВМРО-ДПМНЕ не гледаат иредентизам во имињата на аеродромот и автопатот.

„Имајќи предвид дека не добивме одговор очигледно е дека Македонија прави еднострани отстапки за кои не добива ништо за возврат! Отстапуваме од нешто наше, а за возврат не добиваме ама баш ништо! Тоа е најпогрешната надворешна политика што една држава може да ја води. За жал останува впечатокот дека Македонија повторно загуби со политиките на оваа Влада на СДСМ“, стои во Фејсбук статусот на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, во врска со денешната одлука на Владата да ги преименува скопскиот аеродром и меѓународниот автопат од делницата Е-75 кој минува низ нашата земја.