Премиерот Заев: Ние сме подготвени за географска одредница

6 февруари, 2018 | 18:40 часот | 7.111 прикажувања |

Ние сме подготвени за географска одредница и до тука ќе застанам затоа што прашањето е суштествено и треба да дадеме шанса низ преговорите во изнаоѓање на решение, рече попладнево премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање откако денеска шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас побара „Скопје да се изјасни какво име сака“.

„Да дадеме шанса низ преговорите да дојдеме до решение. Сакам процесот да успее. Сме фокусирани на суштествени чекори кои ќе доведат до решавање на овој чувствителен проблем во интерес на двете земји“, рече Заев кој не сакаше да даде повеќе детали, со цел, како што рече, да не наштети на процесот.

Според премиерот, секоја можна идеја, која што ќе доведе до решението, дали е драфт верзија на меѓународен договор што ќе го официјализира она што е поприлично решено, би било основа да се продолжи процесот на ОН преку медијаторот Нимиц, истовремено користејќи ги сите билатерални средби, меѓу него и премиерот Ципрас, како и меѓу двајцата министри за надворешни работи: Димитров и Коѕијас.

Стратегијата за проширување на ЕУ кон Западниот Балкан е добра вест

Коментирајќи ја денеска објавената Стратегија за проширување на ЕУ кон Западен Балкан, премиерот посочи оти тоа е добра вест, бидејќи во неа се подвлекува дека Македонија постигнала значителен напредок и дека се движи на вистинскиот пат. Со цел да се реализираат реформите Заев ги повика пратениците, претседателот Иванов и опозицијата активно да учествуваат во реформскиот процес.

Заев истакна дека досегашниот прогрес не е дело само на Владата туку е успех на сите политички партии и институциите и граѓаните.

„Денес е важен ден за Република Македонија. Денеска од Брисел од седиштето на Европската Унија ни пристигна исклучително значајна и добра вест. Во објавената Стратегија за Западен Балкан и за прошитувањето на Европската Унија се истакнува дека Република Македонија направи значителен напредок на својот европски пат. Од тие причини Европската Комисија изразува подготвеност да даде препорака за почеток на преговорите врз основа на исполнети услови. Согласно оваа Стратегија, Република Македонија се движи кон вистинскиот пат“, рече македонскиот премиер.

Заев истакна дека уште едно дополнително признание од особено значење за граѓаните на Република Македонија е и ставот на Европската Унија изразен во Стратегијата дека секоја држава може да напредува и да влезе во групата на предводнички на овој пат согласно нивниот реален напредок.

„Овој дополнителен поттик претставува голема надеж за Република Македонија. Ова е мотив повеќе да работиме и да ја стигнеме групата на држави кои преговараат, тоа се Србија и Црна Гора и за кои постои детален временски план. За нас ова претставува потврда за сите реформски процеси кои ги започнавме. Овој успех е заеднички успех“, рече првиот човек на Владата.

Како што додаде, текстот на Стратегијата утврдува дека дефинитивни и обврзувачки решенија на сите билатерални спорови мора да бидат изнајдени пред државата да пристапи кон Европската Унија.

„Владата на Република Македонија и досега, а и понатаму останува искрено и длабоко посветена да го даде својот придонесе во решавање на проблемот со спорот со името. Последните месеци се направени сериозни исчекори за достоинствено решение на ова прашање. Стратегијата и го отвара патот на Република Македонија за членство во ЕУ. Државите од Западен Балкан ќе треба да делуваат одлучно. Пристапувањето кон Европската Унија беше и се уште е процес заснован на покажани резултати, целосно зависен од објективниот напредок на секоја држава. Со оваа Стратегија Европската Унија и нејзините институции подаваат рака кон нас, државните од Западен Балкан. Република Македонија денес доби признание за напредокот во својот стратешки избор“, рече премиерот Заев.