ОБСЕ: Ќе продолжиме да работиме со институтиците за клучните реформи

18 ноември, 2017 | 12:13 часот | 338 прикажувања |

ОБСЕ, нејзините институции, а особено Мисијата на ОБСЕ во Скопје ќе продолжат да работат во партнерство со националните институции за поддршка на договорените реформи во клучните области, вели генералниот секретар на ОБСЕ во Скопје, Томас Гремингер.

„Сите актери треба да ги здружат силите во зајакнувањето на демократските процеси и враќањето на довербата во институциите во земјата, воспоставувајќи ефективни механизми за контрола“, рече Гремингер.

Тој ја истакна потребата да се работи на долгорочните структурни реформи во областите како што се владеењето на правото, слободата на медиумите, демократското владеење, полицијата и безбедносниот сектор.

Гремингер ги охрабри понатамошните чекори за градење на кохезивно општество и продолжување на спроведувањето на Охридскиот рамковен договор. Тој, исто така, ги поздрави напорите за зацврстување на добрососедските односи, вклучително и потпишувањето на Договорот за пријателство со Бугарија.

За време на посетата, при која беше одбележана и 25-годишнината на Мисијата, Гремингер беше придружуван од шефицата на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорката Нина Суомалаинен, а имаше и средба со вработените на Мисијата.