Жбогар: Охрабрувачки се преговорите со Грција, се надеваме на успешен крај

6 февруари, 2018 | 16:38 часот | 527 прикажувања |

Добрососедските односи се еден од принципите на Европската Унија и сите билатерални прашања на земјите мора да се решат пред нивниот влез во Унијата, истакна денеска шефот на Делегацијата на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар по презентирањето на Стратегијата за Западен Балкан на Европската комисија во Стразбур, пренесе Мета.

„Владата повторно започна преговори со Грција. Тоа е охрабрувачки, добро е што има дијалог. Се надеваме дека процесот ќе има успешен крај. Ние не сме дел од преговорите кој се води под покровителство на Обединетите нации, но ги охрабруваме двете страни да постигнат решение“, рече евроамабасадорот и додаде дека Договорот со Бугарија е многу важен затоа што Македонија по неговото потпишување има голем пријател во ЕУ.

Жбогар истакна дека Македонија, според Стратегијата, има направено значителен прогрес во имплементирање на реформите. На прашањето дали бојкотот на опозицијата во Собранието ја оддалечува Македонија од европскиот пат, Жбогар рече дека важно е да има национален консензус за прашањата и дека е потребна поддршка во реформите.

„Опозицијата треба да учествува во Собранието и таму да ги донесува одлуките. Сите политички субјекти мора да бидат вклучени како и граѓанското општество чии препораки се многу важни. Има потенцијал да се остварат овие цели“, вели Жбогар.

Тој потенцираше дека 2018 е клучна година затоа што е последна од мандатот на еврокомесарот Јоханес Хан, затоа што Бугарија и Австрија претседаваат со Унијата и затоа што ниту Македонија, ниту Грција немаат избори и политичарите можат полесно да донесат одлуки.

Според него, 2025 година како датум за проширување е мошне амбициозен, но и потенцијален и рече дека сè ќе зависи од самите земји врз основа на нивните заслуги.

„Ќе треба и ЕУ да се смени, да стане посилна за да стане поголема, а земјите од Западен Балкан ќе треба да ги реализираат реформите. Сега не постои ниту една земја од регионот која е подготвена веднаш да влезе во Унијата, мора нешто драматично да се случи. Во стратегијата има апел до лидерите веднаш да започнат со преземање на акции“, вели Жбогар.

извор: Мета