Мицкоски со партиска делегација во посета на САД

6 февруари, 2018 | 11:33 часот | 517 прикажувања |

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски заедно со партиска делегација во која се Влатко Ѓорчев, Тимчо Муцунски и Слободанка Алексовска ќе остварат неколкудневна работна посета на Вашингтон САД, соопштија од партијата.

Во текот на посетата претседателот Мицкоски ќе реализира повеќе средби со претставници на Белата Куќа, Стејт Департмент и членови на Претставничкиот дом и Сенатот. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски ќе се обрати и на Безбедносниот форум организиран од членови на американскиот Сенат, а воедно ќе присуствува на Молитвениот појадок кој се одржува под покровителство на Претседателот на САД Доналд Трамп.

Предвидена е и реализација на средби со претставници на македонската дијаспора во САД. Престојот во Соединетите Американски држави ќе се искористи за остварување на меѓународни контакти, зацврстување на односите на ВМРО-ДПМНЕ и лобирање за државните и национални интереси на Република Македонија. По скорешните посети на Брисел, и Будимпешта, престојот во Вашингтон преставува продолжување на интензивната меѓународна активност на ВМРО-ДПМНЕ.