Анкета: Граѓаните сметаат дека членството во ЕУ ќе ја подобри демократијата и економијата во Македонија

6 февруари, 2018 | 9:11 часот | 493 прикажувања |

Институтот за европска политика – Скопје на прес-конференција ги презентираше податоците од ставовите на граѓаните од дебатната анкета „Граѓаните прашуваат: како и зошто во ЕУ“, која се фокусираше на придобивките и предизвиците од пристапувањето на Македонија кон ЕУ.

Пред одржувањето на дебатниот настан, била спроведена анкета на репрезентативен примерок од
1200 испитаници од цела држава, во периодот од 1 до 7 ноември 2017 година.

Дел од темите ги вклучуваат општите ставови за ЕУ, демократските и економските придобивки и предизвици, како и ставовите на граѓаните околу проблемот со името.

Голем дел од граѓаните сметаат дека членството на државата во ЕУ е многу важно, особено во делот на демократските и економските реформи. Од друга страна, многу мал број на граѓани сметаат дека Македонија ги исполнува демократските критериуми за влез во ЕУ. Oгромен број од нив се за итни реформи во делот на владеењето на правото, судството, администрацијата и медиумите.

Името претставува горливо прашање кое сериозно влијае врз перцепциите за ЕУ. Сепак, значителен број на граѓани би прифатиле промена на уставното име на државата доколку се гарантирани македонскиот јазик и идентититетот.

Името и идентитетските прашања силно влијаат на перцепцијата на граѓаните за членството во ЕУ. 19,6% силно се противат на тоа поради стравот од промена на националниот идентитет. Сепак, доколку името Македонци и македонскиот јазик се загарантирани, 41% од граѓаните би прифатиле промена на уставното име на државата.