Новиот филм „Бикини мун“ на Милчо Манчевски ќe ја има американската премиера на фестивалот на „Синеквест“

6 февруари, 2018 | 8:35 часот | 461 прикажувања |

„Бикини мун“ на македонскиот режисер Милчо Манчевски ќе ја има својата американска премиера на фестивалот „Синеквест“ во Силиконската Долина, со проекција на 3 март оваа година.

Светската премиера на „Бикини мун“ на Милчо Манчевски се одржа во октомври 2017 година на филмскиот фестивал во Сао Пауло, Бразил. По премиерата, бразилските медиуми беа преполни со пофалби за новото остварување на Манчевски.

Џуи Аугусто пишува во „О Кве тем на носа естанте“: „Милчо, провокативен како и секогаш го дава најгенијалниот и најжесток коментар на информатичкото општество. Манчевски ни покажува колку е болно современото општество. Низ објективот на Манчевски гледаме лицемерно и демагошко општество населено со т.н. добри граѓани полни со ’добри намери‘ кои се, всушност, автоматизирани, апсолутно невротични и шизофрени и кои живеат во декадентно општество кое само што не колабирало. Делото на Манчевски флертува со надреализмот со цел да ја прикаже стварноста. Тој е режисер-филозоф“.