Донев: Нимиц ја напушти Времената спогодба, нашите позиции се ослабнети

5 февруари, 2018 | 20:44 часот | 3.650 прикажувања |

Времената спогодба е напуштена, дефинитивно. Самиот Нимиц ја напушти. Не знам од кои причини, зошто го прекрши мандатот, меѓутоа ја напушти. Тој влезе во нешто кое нема никаква врска со Времената спогодба и со сите други прашања ги предложи.

Ова е ставот на поранешниот амбасадор Јован Донев на дебатната емисија „Топ Тема“ на Телма.

Според Донев, очигледно било дека медијаторот Нимиц добил сигнал за такво нешто,  односно дека му е дадена согласност за тоа да го направи и да достави таков предлог.

Екс амбасадорот е категоричен дека предлогот на посредникот е апсолутно неприфатлив.

„Се обидуваат да го демантираат она што го кажа амбасадорот Наумовски, меѓутоа тоа е факт. Она што го предложи Нимиц е недостоинствено. За тоа не се разговара. Меѓутоа, не е тоа проблемот дали преговорите ќе пропаднат или нема да пропаднат, проблемот е што ние сме прифатиле нешто, место да го одбиеме како предлог на старт, ние сме ги ослабнеле позициите за следната преговарачка рунда“, рече Донев повторувајќи дека Времената спогодба е напуштена: самите премиери веќе директно разговараа во Давос, а преговорите ќе продолжат на министерско ниво меѓу Димитров и Коѕијас.

„Затоа реков, некој попуштил, јас имам информации, но не сакам да шпекулирам. Целата рамка како што беше предвидено според Времената спогодба е изместена. Прифативме, врз основа на предлогот на Нимиц, кое и да е име да биде на македонски јазик“, додаде Донев.

Тој смета дека ова е последен обид на Владата во Атина да извлече што е можно подобри преговарачки позиции за следната рунда на преговори.