ВИДЕО: Австралиско-литвански тандем направи евровизиска песна за Македонија

5 февруари, 2018 | 14:22 часот | 1.447 прикажувања |

Џејмс Цветковски е државјанин на Австралија, со македонско потекло. За себе вели дека е страстен музичар од рана возраст. Врската со државата која била закопана во него ја открил минатата година, кога беше дел од Школата за млади лидери на претседателот Иванов, а престојот во Македонија му помогнал да стекне добри пријатели во нашата земја.

Неговиот тинејџерски сон да напише песна за Евровизија оваа година може да стане и реалност: Џејмс го напиша текстот и музиката за песната “Perfect (On Top)” со која заедно со Вилија Матачунатеја, литванската евровизиска претставничка од 2014-та, ќе атакуваат на македонскиот Евросонг. Доколку песната биде наш избор за евровизиски претставник, според правилата на МРТ ќе треба да биде исполнета од македонски изведувач.

М365: Џејмс, кажи ни нешто повеќе за твојата позадина, колку долго си инволвиран во музичката сцена, што правеше пред ова и како дојде до идејата да ја поднесеш оваа песна за Македонија?

– Јас сум страстен музичар уште од мали години, почнав да свирам гитара на 9 години, а тапани некаде на средина од мојата адолесценција. Ќе вежбав со часови после школо и после враќањето дома од работата во ресторан за брза храна. Ќе го „прегорев” копчето на ЦД плеерот за враќање назад, учејќи делови по слух. Воглавно сум самоук.

Со тек на време, се научив себеси како да снимам и да миксам музика. Користев пластични микрофони залепени за кимвал штандови, поминувајќи години во правење домашни снимки. На почетокот, звучеа ужасно, но со тек на време се подобруваа.

На половина од патот до диплома за медицина, започнав бизнис за комерцијално пишување на песни со близок пријател и долгогодишен соработник. Во првите 12 месеци, ја стекнавме довербата на австралискиот Црвен крст и неколку телевизии. Беше инспиративно да се види како бизнисот напредува од мало собно студио во преградието на Мелбурн.

Минатата година бев во Мелбурн да учествувам во програмата Birthright Macedonia и во Школата за млади лидери на претседателот Иванов. Стекнав доста добри пријатели таму и открив врска со државата која беше закопана некаде во мене. Откако заминав од Македонија, планинарев низ Литванија со пријател и сосема случајно сретнавме една одличнa пејачка по име Вилија Матачунатеја.

Испадна дека таа е доста добар изведувач во нејзината земја, и кога се вратив во Мелбурн, заедно со неа одлучивме да соработуваме за Евровизија 2018. Смешно е, но Евровизија има своја група на гледачи тука во Австралија – претпоставувам дека тоа е така бидејќи многу од нас тука имаме европски корени. Уште кога бев тинејџер, секогаш сонував да напишам песна за Евровизија и да ја изведам на сцена. Кога ја добив шансата таа песна да има можност да ја претставува Македонија на Евровизија, не можев, а да не го направам тоа.

М365: Планираш ли да пишуваш песни и за следниот избор на песна за Евровизија, откако ќе заврши овој? Во кои други проекти си вклучен во текот на годината?

– Би сакал. Ќе почнеме да спремаме забавен, летен хит со Вилија, со која заедно работиме на песната. Мислам дека ќе продолжиме да пишуваме заедно некое време, и секако би сакал да напрам повеќе евровизиски песни.

Во меѓувреме, ќе спремам снимка со друг македонско-австралиски изведувач сместен во Мелбурн – оваа е повеќе како гранџ/авант/поп звук. Ако некогаш сте се запрашале како звучи кога ќе му дадете гитара на психолог опседнат со Фројд, тоа е нешто налик на ова. Тој е еден од моите омилени текстописци. Со нетрпение чекам да го слушнам крајниот продукт.

М365: Од перспектива на еден текстописец, колку е важно постојано да се промовира сопствената музика пред публика за време на Евровизискиот натпревар. Дали Евровизија е најдобрата платформа за еден артист да лансира нов материјал?

– Евровизија е одлична платформа за промовирање на материјал. Минатогодишниот натпревар имаше 180 милиони гледачи од сите страни на светот – не добивате таква прилика секој ден. Изведувачите треба да имаат спремен материјал кога надоаѓа натпреварот, бидејќи тогаш сите ќе го пребаруваат вашето име.

Ако презентирате значаен контекст додека натпреварот се одвива и ја вклучувате вашата публика, имате потенцијал да стекнете нешто од тоа. Инстаграм изгледа е одлична платформа за музичаритe да се поврзат во денешно време, па ќе бидам активен и таму.

М365: Од каде пронајде инспирација за текстот и музиката за песната? Дали некои неодамнешни песни влијаеја за овој тип на музика што се обидуваш да го создадеш за европската „телевоутинг публика“?

– Вилија ја имаше основата на музиката и текстот. Се започна од гласовна снимка која таа ја сними на нејзиниот мобилен само со пијано и глас. Кога ми ја прати, ја зедов и продолжив со тоа, звучеше повеќе како пијано балада на почеток, сега има силен рок звук. Целосно е различна од првичната верзија.

Што се однесува до текстот, допира некои теми со кои сите сме запознати: идентитет, хедонизам, уништена врска. Двајцата работевме на текстот заедно и мислам дека и двајцата сакаме да црпиме инспирација од реални искуства. Музиката е моќен начин да се зближат луѓето и како слушач, станува помоќна кога можеш да се поистоветуваш со пораката.

М365: Што мислиш, како песната ќе биде примена во Македонија, кои се твоите очекувања?

– Па, се надевам дека ќе им се допадне. Македонија е во ситуација каде сите треба да паузираме за момент и да се обединиме под една порака. Музиката е посебна, бидејќи надминува политика, религија и идеологија. Не е важно кои се вашите верувања, кога има Евровија, сите сакаме Македонија да помине добро. Оваа година треба да пренесеме силна порака дека сме тука да застанеме на нашите нозе, а кој е подобар начин да се пренесе таа порака, а да не е една рок химна?

М365: За крај, како нашинец од дијаспората дали себеси во иднина се гледаш повеќе инволвиран во македонската музичка сцена?

– Дефинитивно. Би сакал да се вратам и да поминам повеќе време во Македонија, да најдам изведувачи со кои би соработувал. Убавината на интернетот е дека денес е полесно од кога било да соработувате од друг континент. Не е важно каде сте во светот. Со малку среќа, ќе го најдам следниот пејач да ја претставува Македонија на следната Евровизија.

П.Д.