Донирана плетена облека за дечињата со посебни потреби

4 февруари, 2018 | 11:11 часот | 389 прикажувања |

Учеснички во обуките за стекнување вештини од стари занаети донираа производи на деца со посебни потреби, на настан кој се одржа во саботата во едукативниот центар во Зоолошката градина во Скопје, информираат од Министерството за труд и социјална политика.

Децата од здруженијата ,,Во мојот свет’’ – Скопје, здружението на родители на деца со аутизам ,,Марко Поло’’ од Битола, ПОУ ,,Иднина’’- Скопје, ,,Имаго плус’’ – Скопје и здружението ,,Сплотени срца’’ од Штип, добија плетена облека произведена во рамки на обуките, во вредност од две илјади евра.

Една од организаторките на настанот, Валентина Здравевска е долгогодишен обучувач за рачно и машинско плетење во низа проекти, меѓу кои се и обуките за стекнување вештини од стари занаети што се спроведуваат преку АВРМ. Ваквите обуки траат од три до шест месеци, во зависност од занаетот кој се изучува.

Дел од кадрите обучени под менторство на Здравевска ги искористија и грантовите кои што се доделуваат во рамки на Оперативниот план на активни мерки за вработување за отворање сопствен бизнис . Овие мерки се наменети за зголемување на вработливоста и вработеноста, преку финансиска и стручна поддршка на невработени лица. Министерството за труд и социјална политика наскоро ќе го промовира Оперативниот план за 2018 година.