„Левица“ до „Сириза“: Брзото решавање на спорот за името ќе доведе до раст на агресивен национализам

4 февруари, 2018 | 11:04 часот | 634 прикажувања |

Од македонската политичката партија „Левица“ испратија отвотено писмо до своите колеги од грчката владејачка партија „Сириза“ (Коалиција на радикалната левица) чиј лидер е актуелниот грчки премиер, Алексис Ципрас.

Како што стои во писмото на „Левица“ двете земји се длабоко се навлезени во третата деценија од таканаречениот „спор околу името ‘Македонија‘“ , каде особено во последните неколку месеци се забележува раздвижување, кое според паријата се должи пред сè на планот Република Македонија оваа година да стане триесеттата членка на, како што велат, милитаристичката организација НАТО.

„Кога вашата партија, пред неколку години, ја презеде власта, ние тоа го поздравивме, верувајќи дека конечно дојде на власт партија која ќе работи во интерес на обичниот народ. Исто така, верувавме дека ќе започнат сериозни напори за борба против национализмот во двете земји, кои ќе вклучат, меѓу другото, и решавање на т.н. спор околу името со почитување на принципот на самоопределување и самоиндентификација на народите, што е важен принцип и за левичарите“, стои во писмото на „Левица“ упатено до „Сириза“.

Од „Левица“ додаваат и дека денес е очигледно дека грчката влада предводена од Ципрас не е подготвена да ги почитува принципите на самоопределување и самоидентификација и дека активно работи на вклучувањето на Република Македонија во НАТО.

„Брзоплетиот начин да се ‘реши’ спорот околу името, без претходна борба против национализмот во двете земји, ќе има исклучително погубни последици за двете наши земји, бидејќи ќе предизвика огромна фрустрација кај граѓаните на двете земји и раѓање на нов агресивен национализам“, додаваат од „Левица“.

Оттаму во духот на другарството и солидарноста, отворено ги повикуваат своите колеги од „Сириза“ да се воздржат од играњето активна улога во процесот на вклучување на Република Македонија во НАТО и да се борат за решавање на спорот околу името што ќе го намали, а не зголеми национализмот во двете земји и што ќе ги почитува темелните левичарски принципи.