146 години од раѓањето на Делчев: Ова се неговите најпознати мисли

4 февруари, 2018 | 0:57 часот | 4.058 прикажувања |

Во Македонија денеска со низа активности ќе се одбележи 146-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер и национален херој Гоце Делчев. Делегации на државни институции, политички партии, здруженија на граѓани, општини и установи ќе положат цвеќе на гробот на Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.

Идеологот на македонската револуционерна борба е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола Делчеви.

Визионерот, кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите, се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата.

Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија. Делчев е убиен од турската војска, на 4 мај 1903 година во селото Баница во екот на подготовките за Илинденското востание. Тој бил против прераното започнување на востанието и заедно со својата чета ја обиколувал Македонија за да ја согледа состојбата.

Прочитајте некои од најпознатите мисли на Гоце Делчев:

„Ќе удри утринската зора и за нас… “

„Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите… “

„Ние се бориме за слободна и независна Македонија со широки права на сиромашното население… “

„Труд и постојамство, тоа е силата, со помош на која човек станува највелик при секоја иницијатива…“

„Браво, јуначе, дојди да ти ја стиснам раката и да те поздравам, такви ѝ се потребни на мајка Македонија…“

„Делото на ослободувањето на еден народ, е пред сѐ негово сопствено дело, на неговите сопствени раце…“

„Ослободувањето на Македонија се крие во внатрешното востание. Кој мисли инаку да се ослободи Македонија, тој се лаже и себеси и другите… “

„Да ја чуваме чистотата на ослободителното движење и на Организацијата – тоа е првиот услов за нашиот успех!“

„Внатрешната организација не се стреми само да им дава оружје на луѓето, ами и да го разбие нивниот ропски дух…“

„Јас не сакам востание со луѓе што ќе ме напуштат при првиот неуспех; јас сакам револуција со граѓани кадарни да ги понесат сите искушенија на една долготрајна борба, каква, поради жестоките политички услови, ќе биде и нашата; или ќе водиме говеда на касапница…“

„Но тоа е патот за ослободувањето на народите од туѓо его. По него оделе Грците, Србите, Бугарите. По тој пат треба да одиме и ние, Македонците, за да се ослободиме од Турците…“

„Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови – изроди како македонскиот. Историјата не памети друг таков пример кога еден ист народ по традиција, јазик и вера се разделува на разни спротивни страни, една од друга потуѓа…“

„Дали може да има друго место за еден Македонец, освен Македонија? Дали има народ понесреќен од македонскиот? И дали има некаде пошироко поле за работа, отколку во Македонија?“