Алаѓозовски: Сакаме преспанскиот регион да биде под заштита на УНЕСКО

3 февруари, 2018 | 19:56 часот | 563 прикажувања |

Министерот за култура Роберт Алаѓозовски за време на денешната посета на црквата „Св.Ѓорѓи“, која се наоѓа над ресенското село Курбиново во прекрасен природен предел, истакна дека посакува и за тоа има идеја цел преспански регион да биде прогласен за културен и природен предел под заштина на УНЕСКО.

Наша долгорочна идеја, посочи Алаѓозовски, за цел преспански регион, е токму преспанскиот регион да биде прогласен за културен и природен предел под заштита на УНЕСКО, како што е охридскиот регион.

„Подготвени сме да го зајакнеме сегментот на културен туризам и во догледно време ќе ги зајакнеме институциите и градот со туристички водичи. Во овој момент приоритет е конзервацијата на објектите, но наскоро ќе вршиме поголема промоција на културното наследство во Преспа“, истакна Алаѓозовски.

За време на посетата на црквата „Св.Ѓорѓи“, министерот најави дека во Ресен ќе почне санација на вториот кат од Ресенскиот Сарај познат како Сарајот на Нијази-бег.