ВИДЕО: Говорот од кој затреперува срцето на секој Македонец

3 февруари, 2018 | 17:48 часот | 9.936 прикажувања |

Монолошкиот спев „Да се биде Македонец“ на актерот Петар Темелковски деновиве е поактуелен од било кога. Спевот е работен според посланијата на Св.Апостол Павле до Македонците и Повелбата на Македонија.

Во продолжение една од најблескавите изведби на овој говор и интегралниот текст.


Да се биде Македонец, најпрвин е света работа, а дури потоа проклетство и немир. Ние не сме Македонци само затоа што зборуваме и само затоа што пишуваме на македонски, ние не сме Македонци само затоа што пееме и само затоа што играме на македонски, Македонци сме најмногу затоа што сме страдале и затоа што треба да се обединиме на македонски!

Никогаш не ѝ се израдувавме на Татковината, со едната рака ја оравме, со другата ја браневме. И до ден денешен ја немаме целосно и асолно одбрането. Не знаеме ни кое поле ѝ раѓа најкласата пченица, ни кој присој ѝ носи најдрошно грозје, ни во која ливада можеш оро да извиеш, а да не се сопнеш од гроб. Па сепак, прекрасно ми е што сум Македонец и што сум жив нишан во светот, што можам да одам и да зборувам за маките на мојата древна татковина…

Што е праведен Ное меѓу луѓето, тоа сме ние Македонците меѓу народите. Ускратено ни беше и пак велевме: голем е Господ. Одземено ни беше и пак велевме: непогрешлив е Господ. Еве, само надежта ни остана и пак велиме: справедлив е Господ.

А имаше векови на златната боја, кога Македонија беше протегната на половина планета и никој тогаш немаше дрскост да рече дека сме малољуден народ, вештачка творба и неважна земја. А денеска, секој имбецил си зема за право да нè негира, да нè асимилира, да нè понижува, да нè навредува и бескрајно да ни докажува дека ние Македонците во сушност не сме биле она што сме.

Ние Македонците, ниту куќа, ниту црква, ниту манастир, ниту што и да е друго, со туѓ камен не изградивме. Ние Македонците, никогаш не стекнавме знаење за тоа како се прават неправедни држави и фалсификувани истории, ниту како се пустошат туѓи градови и гробови. Затоа имаме недоброј молитвеници, кои измолија за овој напатен народ рајските порти секогаш да бидат отворени.

Ние Македонците, никогаш не сме биле задоени во мир и имаштина. Од градите на нашите мајки никогаш не текло мед и млеко. Од градите на нашите мајки тече немир, тече пелин, тече бунт, од градите на нашите мајки тече крвта на фалангите, крвта на војводите, крвта на комитите, крвта на партизаните, крвта на бранителите… Од градите на нашите мајки тече немиот крик на пресечените јазици во обесправените делови од Татковината во знак за казна за изустен мајчин збор. Ете затоа ние денеска имаме силен глас дури и за најтврди уши.

Трештете тапани на срцата, разлевај се музико на душата. Трештете тапани на срцата, разлевај се музико на душата. Пред 100 години Македонија е распарчена во Букурешт. Алчните балкански држави си мислеа дека ќе замре нашиот богољубив збор, дека ќе секне нашата молитвена песна, дека нашите мајки ќе престанат да раѓаат горди и храбри синови и дека со тоа ќе заврши нашата древна и славна историја. Но еве, слава му на Бога, до ден денешен сето тоа ечи, трешти, врие, клокоти, се бунтува во нас и со голо око сега може да се види македонската постојбина, дури од Ерусалем, Света Гора, Брисел, Букурешт и Њујорк…

Оти Македонија не е само држава. Ако беше Македонија само обична држава, денеска немаше да има ниедна прашинка од неа. Туку Македонија е икона на Балканот, Македонија е црква на Европа, Македонија е манастир на светот!

Од себе крадевме, светот го градевме. Дури ни најблиската околина не го удостојува со должната благодарност тоа наше ретко човекољубие, тоа наше ретко мирољубие, тоа наше ретко, невидено гостољубие. Иако ни е зборот единствен куршум, по зборот со камења ни фрлаат. Иако ни е песната единствена војна, од книгите ни ја бришат. Иако црквата ни е единствена куќа, темелите ѝ ги поткопуваат.

Па сепак, ние Македонците, преку мртви, преку жртвти, преку ками, преку јами, преку клани, преку драни, преку сè од други презрено и просто чекориме кон нашиот бел и чесен опстој. И со чисти срца, со паметен ум и со блага душа говориме:

Обесправени Македонци, обездомени браќа наши, распарчена татковино наша, главата горе, ние сме секогаш со вас. Ние сме секогаш со вас, зашто иста мајка не раѓала, исти куршуми не гаѓале, иста ортома ни висела на вратот, иста кама ни го секла гркланот, главата горе и на многаја лета! На многаја лета древному народу македонскому, на многаја лета благословеному народу македонскому, на многаја лета божјему народу македонскому и на многаја лета бесмертному народу македонскому!