Шилегов за 100-те дена власт: Работевме посветено, одговорно и чесно

3 февруари, 2018 | 15:29 часот | 738 прикажувања |

Работевме посветено, одговорно и чесно, следејќи ги потребите и интересите на граѓаните на Скопје и го отворивме Градот за сите. Скопје сега е град кој функционира според потребите на граѓаните и е еднаков за сите, порача градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов во денешниот отчет за сработеното во првите 100 дена од стапувањето на функцијата.

Граѓаните, нагласи, сега го гледаат Градот како партнер за исполнување на нивните идеи.

„Промените се повеќе од очигледни во првите 100 дена и тоа е видливо од постигнатите резултати во исклучително тешките околности кои што ги затекнавме. Веднаш по преземањето на градската власт воведовме двосменско работење на службите што непосредно работат со граѓаните. Бараката 16, сега работи од 7:30 до 19:30 и граѓаните можат побрзо и полесно да ги завршат своите работи поврзани со прием, издавање, заверка на документи за даноци, такси и други надоместоци на Град Скопје“, рече Шилегов на денешната прес-конфереција и додаде дека е имплементиран и нов софтвер што овозможува даночните обврзници да добијат навремени информации по пат на СМС или по електронска пошта.

Како врвен приоритет ги истакна активностите за заштита на животната средина и подобрување на состојбата со загаденоста на воздухот за што се обезбедени за три пати повеќе средства во градскиот буџет и додаде дека со само тројца инспектори за животна среднина се извршени 400 контроли од неговото доаѓање на функцијата.

„Со тоа станавме првата администрација која се посвети на решавањето на загадувањето на Скопје“, потенцира Шилегов.

Потсети дека е преземена голема акција за чистење на градот како дел од краткорочните мерки за намалување на загадувањето во која се отстранети над 3.000 метри кубни смет, есенска акција за зазеленување на Скопје во беа засадени 615 нови дрвја на различни локации и најави нејзино продолжување пролетва со засадување на повеќе од 4.000 садници.

„Со промовирањето на кол-центарот на бесплатната телефонска линија 193, оваа зима сите пријавени огнови од граѓаните беа изгасени и е интервенирано на околу 100 огнови на отворено, за 70 отсто зголемена е субвенцијата за набавка на печки на пелети, трипати се воведе бесплатен јавен автобуски превоз, се ограничи периодот во кој е дозволен дотур на стока во централното градско подрачје“, рече Шилегов.

Најави дека ќе следат интензивни активности и подготовки за реконструкција на сите средни училишта со парите што се пренаменети од проектот Скопје 2014, изградба на пречистителна станица за отпадни води, проект за следење на амбиенталниот воздух во градот со дрон кој ќе може да ги открие и регистрира загадувачите.

Шилегов се осврна и на преостанатите проекти коишто беа реализирани во првите сто дена од областа на спортот, културата, образованието, меѓународната соработка, социјалната заштита и хуманиот третман на уличните кучиња.