30 години подоцна: Може ли да се повтори „Црниот понеделник“ на Вол Стрит?

25 октомври, 2017 | 18:42 часот | 155 прикажувања |

На 30-годишнината од катастрофалниот „Црн понеделник“ на 19 октомври 1987 година, американските акции се на рекордно високо ниво, а инвеститорите се загрижени за претстојните корекции и покрај силните корпоративни профити и економскиот раст, пишува Ројтерс.

Но, дали може да се повтори „црниот понеделник“ денес? Современите технологии за трговија, промените во начинот на кој функционираат берзите, и начинот на кој се управува со инвестициските фондови, го прават повторувањето на катастрофата од 1987 година малку веројатно. Сепак, претпазливите трговци одбиваат да го исклучат тоа.

„Научивме многу од грешките од минатото во однос на реакцијата“, коментира Кен Полкари, директор на одделот за Њујоршката берза (NYSE) во „O’Neil Securities“ во Њујорк.

На 19 октомври 1987 година по голем пад на азиските и европските пазари во претходната недела, Dow Jones Industrial Average се намали за 508 поени, или за 22,6% – најголем еднодневен пад во процентуален израз на американскиот индекс на „блу чип“ (blue chip).

„Падот од 20% во еден ден е можен и денес, но најверојатно ќе биде поорганизиран процес“, смета Арт Хоган, главен пазарен стратег на Wunderlich Securities во Њујорк.

„Ние сме способни да запреме за одреден временски период, да се преиспитаме и да се обидеме да разбереме кој е најдобриот начин да се вратиме во бизнисот и да погледнеме потрезвено на работите“, посочи тој.

Во одговор на катастрофата од 1987 година, Комисијата за хартии од вредност и берзански операции во САД даде дозвола за основање на пазарни „прекинувачи“, кои можат привремено да ја запрат трговијата откако Dow ќе отстапи со 10, 20 или 30%. Оттогаш е активирано само едно „запирање“ на пазарот – во 1997 година.