Коѕијас му потенцирал на Нимиц дека не е надлежен да говори за грчките ставови

3 февруари, 2018 | 11:32 часот | 440 прикажувања |

„Јасно и строго му потенцирав на медијаторот Метју Нимиц дека не е надлежен да говори која е политиката на Атина, ниту да ја опишува, и тоа на погрешен начин“, информираше шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас, во однос на тоа што му порачал на медијаторот на ОН во телефонскиот разговор по враќањето од Скопје.

Министерот за надворешни работи на Грција преку соопштение ги коментира последните случувања за решавање на прашањето за името. „Имав долг разговор со личниот претставник на Генералниот секретар на Обединетите нации, со господинот Нимиц, кој се врати од Скопје. Јасно и строго му потенцирав дека не е надлежен да говори која е политиката на Атина, ниту да ја опишува, и тоа на погрешен начин“, соопшти Коѕијас. Според него, преговорите треба да се водат врз основа на она што било договорено во Давос, но и врз основа на ставовите што се поклопуваат.

„Врз основа на брифингот што го имав за разговорите што ги имаше господинот Нимиц во Скопје, разјаснив дека преговорите не можат да се водат поинаку освен во продолжение на договореното во Давос. Покрај тоа, секои добронамерни преговори се водат врз база на конвергенциите што веќе се постигнати“, се вели во соопштението.