Нимиц за Euronews: Разговараме за име со географска одредница кое нема да задира во идентитетот

2 февруари, 2018 | 23:39 часот | 1.656 прикажувања |

Метју Нимиц, посредникот во спорот за името на Македонија во интервју за Euronews изјави дека може да се разговара за име со географска одредница, но без да се задира во идентитетот на народот.

Нимиц посочува дека преговорите меѓу двете страни напредуваат. По разговорите во Грција и Македонија, тој во интервју со Николета Критику, кое беше пренесено на вестите на Еуроњус на италијански јазик, рече:

„Прашањето за идентитетот на северниот сосед е многу важно. Двете држави би можеле да прифатат решение што не навлегува или го нарушува нивниот идентитет. Секој народ си има свое чувство на идентитет и секоја промена е тешко да се прифати. Но, мислам дека е можно да се најде прифатливо решение за двете земји“.

Медијаторот истакна дека во неговиот предлог поставил на маса пет можни решенија, за кои објаснил дека не се ексклузивни предлози и двете страни може да имаат и други, за да се стават на маса и други идеи.

Грчките медиуми, како Прототема и други, го пренесуваат интервјуто на Нимиц под наслов ,,Времето не е на наша страна” . Во воведниот дел на написите во грчките медиуми се потенцира најлошото сценарио од преговорите.

„Не мислам дека времето тече во наша полза. Ситуацијата се менува, владите се менуваат. Не знаеме што ќе се случува во Грција за две години. Не знаеме ниту што ќе биде со Владата во Скопје. Може да се случат настани што ќе ја отежнат ситуацијата и ќе направат во иднина уште потешко да се пронајде решение“, вели Нимиц во интервјуто говорејќи кое би било најлошото сценарио доколку дојде до одолговлекување на преговорите.