Претставата „Кец на десетка“ вечерва премиерно во МНТ

17 ноември, 2017 | 14:06 часот | 360 прикажувања |

На малата сцена во Македонскиот народен театар на 17 ноември, во 19 часот, премиерно ќе биде изведена претставата „Кец на десетка“, поставена на текст од Митко Бојаџиски во колективна режија. Во претставата играат Александар Микиќ како Таткото Доксе, Тања Кочовска (Мајката Грациела), Нина Деан (Ќерката Ана) и Ивица Димитријевиќ (Тоше).

Кога едно сосема нормално семејство ќе се собере за да се запознае со идниот зет, се очекува секој да даде сѐ од себе, да ги смири своите човечки слабости, ако ги има, нели, да ги потисне внатрешните проблеми, не толку сјајните карактерни особини, фактот дека можеби сте пред развод… Се очекува да оставите максимален впечаток на другата страна, до степен да се прашува со што ја заслужил таа неверојатна среќа да ве сретне токму вас како прибежиште, како иднина, како судбина, стои во најавата за премиерната изведба на претставата.

Асистент на режија е Јордан Симонов, извршен продуцент е Виктор Рубен, сценографијата е на Татјана Блажевска – Христоска, додека костимограф е Ивана Каранфиловска – Уруговска.

Насловна нумера „Кец на десетка“ е според музиката на „Yazoo“ на темата „Only You“ со текст, аранжман и продукција на Александар Митевски, а ја изведуваат: Тања Кочовска, Нина Деан, Драган Спасов – Дац, Александар Микиќ и Ивица Димитријевиќ.

Идејното решение на плакатот е на Срѓан Јаниќијевиќ, инспициент е Александар Рајковски, фотографиите од претставата се на Драган Гајиќ, а суфлер е Зорица Благоевска.

На поставувањето на претставата работат и светло-мајсторите Игор Ѓеоргиев и Игор Митревски, тон-мајсторот Александар Арсиќ, гардероберот Валентина Чонкова, реквизитерот Златан Бојчевиќ, додека фризер и шминкер е Бранка Пљачковска.

Цената на билетот за изведбите на 17, 18 и 26 ноември е 500 денари, а билетите се пуштени во продажба на билетарницата во МНТ.