Советникот на Димитров примен без работно искуство во односите со јавноста?

2 февруари, 2018 | 13:28 часот | 979 прикажувања |

Посебниот советник за односи со јавноста на МНР Димитров, Јане Лазевски, кој вчера предизвика инцидент за време на прес конференцијата на Димитров и Нимиц, обидувајќи се да го замолчи новинарот на ТВ21 бил вработен на спорен оглас, без претходно искуство во односите со јавноста, тврдат извори од МНР за Македонија 365.

Тие потенцираат дека самиот оглас бил небулозен, имајќи во предвид дека посебниот советник за односи со јавност на Министерот за надворешни работи е примен со завршен факултет по англиски јазик и книжевност со само три години, без никакво претходно искуство во односите со јавност кои се посебна доктрина.

„Не секој може да работи во таа индустрија. Со вакви постапки, страда и дипломатијата и државата“, велат нашите извори.

„Во ситуација кога една Влада тврди дека се залага за поголема транспарентност, ова што се случи во МНР е класичен удар врз темелите на која оваа Влада се базира. Таков однос на посебен советник за односи со јавност на МНР Никола Димитров кон претставник на медиум е недозволиво“, посочуваат извори од МНР за Македонија 365.

Инцидентот беше осуден од страна на Здружението на новинари на Македонија, Советот за етика во медиумите и Либерално-демократската партија.

Пред да биде советник на министерот Димитров, Лазевски е познат на пошироката јавност како граѓански активист. Тој на 21 мај минатата година, во име на иницијативата „Јас барам“ од пред Собранието на Република Македонија истакна дека никој не смее да го спречи формирањето на новата Влада за која рече дека очекува таа да биде реформска и да ги департизира институциите.

П.Д.