Професорот Јанев предлага ОН да го решат спорот во наша полза

1 февруари, 2018 | 21:27 часот | 2.304 прикажувања |

Професорот по меѓународно право Игор Јанев кој своевремено беше советник на претседателот Глигоров, кој сега работи во Белград, а важи за врвен експерт за ОН предлага решение на спорот за името.

Тој предлага Македонија да го информира Генералното Собрание на Светската организација дека Македонија поради неуспех да најде решение со Грција бара ОН во иднина наместо под Фиром да ни се обраќа под уставното име.

Јанев смета дека ОН не можат да ни даваат дополнителни услови за името надвор од рамката на светската организација и дека со усвојување на оваа предложена (нацрт) Резолуција од ООН Македонија ќе го оствари своето право да биде ословувана во ООН и надвор од ООН како Република Македонија.

Со користење на преседанот и судското мислење за случајот со Португалија од 1948 година Јанев смета проблемот со името ќе биде решен.

Предлогот на Игор Јанев

НАЦРТ РЕЗОЛУЦИЈАТА НА ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ

Генералното собрание,

Земајќи предвид дека “Поранешната Југословенска Република Македонија”, примена во членството на Обединетите нации во 1993 година, со Резолуцијата 47/225, по препорака на Резолуцијата 817 (1993) на Советот за безбедност, до денес беше признаена од страна на огромно мнозинство од членовите на Обединетите нации со неговото уставно име и дека преговорите со Грција во врска со името на држава не дадоа никаков исход,

Имајќи ги предвид членовите 2 (особено пара. 1, 4, 7) и 4 (1) од Повелбата на Обединетите нации,

Земајќи ги предвид и резолуциите на Генералното собрание 113 / II од 1947 и 197 / III од 1948 година, а особено Советодавното мислење на Меѓународниот суд на правдата доставено на 28 мај 1948 година, во врска со неприфатливоста на предусловите за членство надвор од опсегот од исцрпните услови од член 4 (1) од Повелбата на Обединетите нации,

Потврдувајќи дека секоја држава природно има вродено право на име и тоа дека определување на имињата на државата претставува предмет на нивната суверена домашна јурисдикција,

Потврдувајќи исто така дека имињата на државата како правен идентитет на меѓународните субјекти се суштински елемент на нивната правна личност и нивната државност,

За да се реши долготрајниот невообичаен и неприфатлив членски статус на една членката на Обединетите нации, прашањето кое потекнува од необичните резолуции за прием во ОН со кои се утврдуваат предуслови надвор од опфатот на сеопфатните услови од член 4 (1) од Повелбата на Обединетите нации, а исто така и со цел да се заштити поредок на Обединетите нации, а особено правното претставување во системот на Обединетите нации:

Донесе одлука да го продолжи членството на државата, привремено реферирана како “Поранешна Југословенска Република Македонија”, под нејзиното официјално уставно име Република Македонија.