Димитров: За идентитетот на македонската нација не се расправа

1 февруари, 2018 | 14:23 часот | 469 прикажувања |

Медијаторот на ОН во спорот за името Метју Нимиц, смета дека сега е вистински момент за решавање на прашањето за името помеѓу Македонија и Грција, откако ги слушна мислењата на двете страни, на денешните средби со државните лидери во Скопје, односно при посетата на Атина.

Димитров, пак, истакна дека процесот што го помага медијаторот Нимиц е важен за изнаоѓање на достоинствен начин за решавање на спорот, во кој двете страни ќе бидат почитувани, за што постои волја од страна на Македонија.

„Прво сакам да укажам дека ова прашање за името е исклучително чувствително за граѓаните на Република Македонија, дека дел го следат со големо внимание и загриженост, а некои со гнев. Сакам да укажам дека ние како Влада имаме целосно разбирање за ова, сакаме да го решиме ова прашање на начин што и кај нас и кај нашите соседи во Грција ќе се смета за достоинствен начин.“ изјави министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

Тој рече дека има разбирање за грчките граѓани кои се идентификуваат како Македонци, но дека никој нема ексклузивно право на терминот.

Димитров одби да зборува за црвените линии затоа што рече дека така би за намалил просторот за преговори, а на тој начин и да се дојде до решение. Решението  мора да биде прифатено од граѓаните на двете држави.

За идентитетот на македонската нација, Димитров категоричен дека не се расправа.

„Тоа не може да биде предмет на преговори бидејќи не е предмет на одлука туку резултат на историски процес. Прашањето е поголемо од мене и од преговарачи. Ако дојдеме до таа точка за решение да треба да се допира идентитеот, нема да има решение, но ќе биде жално ако две европски држави во 2018та не се доволно големи ова да го препознаат“ – порача Димитров.