Силјановска: Не може да се менува Уставот, Нимиц ги надмина своите овластувања

31 јануари, 2018 | 21:43 часот | 25.278 прикажувања |

Уставот е елемент кој е врзан за суверенитетот на една земја, тој е суверено право на граѓаните на една земја, тоа стои и во Повелбата на Обединетите нации. Начелото на самоопределување вклучува име, химна, грб, знаме и така натаму, ама вклучува и Устав. Не може да го менуваме.

Ова е ставот на професорката по уставно право Гордана Силјановска-Давкова во вечерашната Топ Тема на Телма, коментирајќи ја изјавата на грчкиот шеф на дипломатијата Никос Коѕијас во која тој бара уставни измени во нашата земја при евентуално прифаќање на неговата нацрт-спогодба за решавање на спорот со името.

„Јас се обидов она што го бара Коѕијас да видам како стои во Грција, односно во грчкиот Устав. Во членот 107 и 108 од нивниот Устав се вели дека „Ниту еден Грк не смее да се откаже да биде Грк“. Многу поучно. Сакам да кажам: ние имаме обврска да го смениме Уставот, кога ќе сакаме, или во моментот на влегувањето во Европската Унија или пак претходно како што го сторија некои држави, заради поделениот суверенитет“, посочи професорката Силјановска, додавајќи дека тоа е внатрешна работа на една земја.

„Како што ние донесовме одредба дека нема да се мешаме во внатрешните работи на една земја, а персонификација на тоа право е Уставот, истото важи во случајов и за Грција и за нас: ниту ние можеме да се мешаме во внатрешните работи на Грција, ниту таа во нашите“, додаде Силјановска.

Според неа, Нимиц иако врвен правник, веќе ги надминал овластувањата кои ги има во спорот согласно Резолуцијата 817 на Обединетите нации во која јасно стои дека предмет на разговорите е разликата околу името, а не идентитетот, бидејќи тоа прашање е веќе апсолвирано.