Груевски денес повторно во судот за случајот „Траекторија“

31 јануари, 2018 | 9:43 часот | 401 прикажувања |

Поранешниот премиер Никола Груевски денеска е пак во судот, овојпат за случајот „Траекторија”. Обвинетиот Груевски  вчера беше во суд за случајот „Тенк” за набавката на луксузниот мерцедес.

Адвокатот на Груевски, Боро Тасевски  се пожали дека неговиот клиент имал многу закажани рочишта за предметите на СЈО и дека поради честите рочишта Груевски не можел да се спреми за судењата.

Во постапката за случајот „Траекторија” освен на Груевски, им се суди и на поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и на поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски.

Тие се обвинети дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејства со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатните делници Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Со тоа, според СЈО, нанеле штета на државниот буџет од најмалку 155.117.172 евра и за истиот износ на компанијата изведувач ѝ овозможиле да се стекне со имотна корист.

Денеска ќе има судење и за случајот „Траспортер“. Во овој случај обвинети се 11 лица, меѓу кои и поранешниот градоначалникот на Битола Владимир Талески.