Нимиц повикува на носење на одлуки за името

30 јануари, 2018 | 20:11 часот | 419 прикажувања |

Постои моментум, време е за носење одлуки, порача медијаторот Метју Нимиц по средбата со министерот за надворешни работи на Грција во грчкото МНР. Со Никос Коѕијас, разговарале за идеите кои медијаторот ги достави пред две седмици, ги слушнал позициите на владата и вели дека постои волја и кај двете страни за постигнување договор.

Оценувајќи ја средбата како конструктивна, Нимиц рече дека грчката Влада е искрена и активна во решавањето на проблемот.

„Мислам дека постои моментум тука. Чекањето нема смисла тука, нема смисла кај северниот сосед, генерално нема смисла. Разговараме за ова прашање 25 години, сите знаат кои се прашањата. Време е за носење одлуки и мислам дека сме тука“, рече медијаторот по средбата со Коѕијас, без да даде конкретен временски рок, потенцирајќи дека во следните седмици ќе има разговори и потоа ќе треба одново да се процени ситуацијата.

Специјалниот претставник на ОН во разговорите за името, јавува дописникот на МИА од Атина, во изјава за медиумите, не сакаше да ги открие неговите идеи и предлози, велејќи дека не е добра идеја да коментира што предложил. Посочи дека во медиумите протекоа некои од идеите, но нагласи оти јавно засега не може да зборува за тоа.

„Двете влади може да смислат и нивни идеи или се надевам да искористат некои од моите. Никогаш не давам конечни идеи, јас сум посредник, а не судија. Од моја страна давам идеи за кои сметам дека се најдобри во моментов“, рече Нимиц.

Медијаторот и шефот на грчката дипломатија по 40 минутната средба, разговорите ги продолжија на работен ручек.

Тој претходно имаше средба со Јорогос Кумуцакос одговорен за надворешна политика во опозициската Нова демократија, но по средбата не беа дадени изјави за медиумите.

Посредникот на ОН од Атина утре доаѓа во Скопје на дводневни разговори со македомнскиот државен врв.