Јанева и Јовески разговарале за реформите во правосудниот систем

30 јануари, 2018 | 14:38 часот | 894 прикажувања |

Актуелната состојба во обвинителствата, идната редовна комуникација, потребата од размена на искуства, заедничката определба и подготвеност за соработка со цел поефикасно гонење на сторителите на кривичните дела, биле теми на кои се говорело на првата средба помеѓу Јавниот обвинител на Република Македонија и Јавниот обвинител за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите, информираат од Јавното обвинителство.

На работниот состанок одржан вчера во просториите на Јавното обвинителство на Република Македонија, станало збор и за актуелните реформи во правосудниот систем и неопходната активна вклученост на јавните обвинителства.

Јовески и Јанева ги разгледале прашањата опфатени со претстојните измени во законите со кои се регулира кривичната материја, особено во однос на поставеноста и организацијата на обвинителствата. При тоа било потенцирано значењето на меѓусебната поддршка и почит со цел успешна реализација на суштинските реформи кои ќе придонесат за подобрување на улогата на јавниот обвинител во целокупниот правосуден систем во државата.