Богоев ја најави акцијата за собирање електричен и електронски отпад

30 јануари, 2018 | 14:31 часот | 263 прикажувања |

Пред еден од најфреквентните делови во општина Карпош, на влезот од трговскиот центар „Скопје сити мол“, е поставена првата екозона (голем контејнер) за отстранување помали електрични уреди и електронски отпад, информират од општината.

Всушност, како што соопштуваат оттаму, станува збор за придвижување поголема акција за организирано собирање некабаст и кабаст отпад од домовите на граѓаните.

Од Општината информираат дека електричниот и електронскиот отпад (телевизори, машини за перење, бојлери и мали уреди за домаќинство) граѓаните имаат можност да ги пријават кај назначените координатори, наменски определени за урбаните заедници во Карпош, по што екипите на „Нула отпад“ организираат директно собирање на овој специјилен отпад од домовите на граѓаните. Жителите може да го пријават електронскиот отпад на т.н. еколинија: 076/23 60 00.

Градоначалникот Стефан Богоев посочи дека преку акцијата се оневозможува дополнително загадување на животната средина и се прави превенција од создавање нови диви депонии.

„Ги повикувам граѓаните да се приклучат кон оваа акција. Да го пријават електричниот и електронскиот отпад, но и да се ослободат од малите неисправни уреди – батериите, фрлајќи ги во наменските садови поставени во „Скопје сити мол“, рече Богоев.

Марјанчо Дамески, директор на „Нула отпад“, ги повтори целите на акцијата со надеж дека вакви екозони ќе бидат поставени и на други локации во општина Карпош и во град Скопје.